
Нападната албанска телевизија Топ чанел. Во инцидентот, кој се случил околу 1 часот по полноќ, убиено е едно лице на возраст од 60 години кое било вработено како обезбедување, a кон зградата биле истрелани повеќе од 30 куршуми.
Се уште не се познати мотивите за нападот врз една од најгледаните телевизии во Албанија а неколку часа после престрелката, полиција пронашла запалено возило од марката рејнџ ровер кое им припаѓало на напаѓачите.
„Го осудувам криминалниот напад врз зградата на националната телевизија Топ чанел. Државната полиција е целосно посветена на расчистување на овој тежок инцидент и изведување на сторителите пред лицето на правдата. Сочувство до семејството на починатиот.“ – изјави Бледи Чучи министер за внатрешни работи на Албанија.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај ја повика полицијата во најкус можен рок да ги открие причините за нападот и да ги приведе лицата кои го извршиле убиството. За премиерот Еди Рама, нападот врз Топ чанел која резултираше со загуба на еден живот, бара брз и јасен одговор од органите на прогонот.
„Криминалната агресија што резултира со губење на животите на безбедносниот персонал, бара јасен одговор од органите за спроведување на законот! Сочувство до семејството на починатиот и до целата заедница, која заслужува сечија солидарност во овој многу вознемирувачки момент.“ – изјави Еди Рама Премиер на Албанија.
Од телевизијата го осудија нападот нарекувајќи го терористички чин а на организаторите им порачаа дека нема да ги поколеба во нивната борба за слобода на говорот и одговорноста која ја имаат пред албанското општество. Нападот го осуди и албанската агенција за аудиовизуелни услуги, нагласувајќи дека агресијата врз медиумите е удар за демократијата и слободата на говорот.





