Предлогот за гласање недоверба поднесен од главната опозициска партија против грчката влада во врска со справувањето со силната снежна бура минатиот понеделник беше отфрлен по тридневна дебата, јави „Катимерини“
Пратениците во грчкиот парламент синоќа се изјаснија против барањето на опозицискиот лидер Алексис Ципрас за соборување на владата на премиерот Кирјакос Мицотакис.
Доверба на владата ѝ дадоа 156 пратеници, а 142 беа против.
Резултатот од гласањето беше очекуван имајќи предвид дека владејачката партија Неа Демократија има 157 од вкупно 300 места во парламентот, иако еден од пратениците беше отсутен поради болест
Опозициската левичарска Сириза на екс-премиерот Алексис Ципрас, побара гласање за доверба на владата по снежниот хаос во и околу Атина на 24 јануари кога илјадници луѓе останаа заглавени во своите автомобили и неколкуте денови потоа и ја обвини владата за неспособност.
Ципрас го исмеја телевизиското извинување на Мицотакис на граѓаните два дена по снежната бура „И покрај тоа што метеоролозите со денови најавувале голем снег, владата не успеала да ги заштити луѓето“, рече Ципрас.
Тој потсети и на лошото менаџирае со пандемијата: „Должите 23.275 извинување на семејствата кои ги загубија најблиските за време на пандемијата“, рече Ципрас.







