Два часа откако неговиот говор  беше прекинат со експлозии, претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, преку ТВ објави дека не е повреден и дека некои од организаторите на она што најверојатно беше атентат, се уапсени.



Нападот врз Мадуро бил извршен со беспилотни летала – дронови. Говорејќи за нападот, Мадуро рече дека летачки објект најпрво експлодирал пред него, а помалку од секунда подоцна дрон експлорирал и од неговата десна страна.

Претседателот за нападот ја обвини екстремно десничарската опозиција и надворешни актери.

„Не се сомневам дека сето тоа укажува на ултрадесничари од Венецуела во сојуз со колумбиската екстремна десница, а зад овој напад стои името на (колумбискиот претседател) Хуан Мануел Сантос“.

Мадуро исто така тврди дека првите резултати од истрагата покажуваат дека некои  од оние кои го нарачале и платиле за нападот живеат во Флорида, САД.

Економијата на Венецуела е во тешка ситуација, со огромна хиперинфлација која се движи кон милион проценти до крајот на годинава. По смртта на екс-претседателот Чавез, САД воведоа санкции и ги искористија своите сојузници да го сторат истото, тврдејќи дека Мадуро е диктатор кој дојде на власт нелегално и го изгладнува својот народ. Американскиот претседател Доналд Трамп отворено размислува за воена опција против Венецуела.

Имаше и насилни протести на опозицијата во Венецуела, за кои Мадуро верува дека се поттикнати од странство.