Кохабитацијата меѓу претседателот и владата конечно функционална. Откако Иванов одби да се сретне со Талат Џафери за законот за јазици а на средбата со Заев и Димитров ги испрати за 2 минути шефот на државата соработувал со Владата за НАТО.
Македонија следната недела ќе ја добие поканата за членство во НАТО, а за неколку месеци ќе почне процесот на ратификување на протоколите, изјави денеска вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Таа напомена дека на церемонија во Брисел на Самитот кој е закажан за 11 и 12 јули на Македонија ќе и биде врачена поканата за членство и оти конечно ќе стане дел од најмоќната воена Алијанса во светот.
Шекеринска рече дека Македонија од 2004 година немала стратегиски одбранбен преглед и оти конечно овој важен документ во сферата на одбраната е донесен.
– Успеавме да го завршиме во рок од една година овој амбициозен документ којшто е клучен и со којшто се дефинира одбраната и нејзиниот развој, се дефинира агендата во сферата на одбраната, рече Шекеринска и додаде дека Македонија ќе добие одбрана согласно стандардите на НАТО која ќе дава придонес за безбедноста на државата, но и целиот регион.
Новиот Стратешко одбранбен преглед е усогласен со новите предизвици на глобално ниво и во неговата изработка биле консултирани сите релевантни институции кои се надлежни во оваа сфера, меѓу кои и претседателот на државата. За одредени делови од Стратешкиот одбранбен преглед, како што рече Шекеринска, одлуките биле носени консензуално со Кабинетот на претседателот.
Со овој документ, споре Шекеринска, Македонија ќе добие модерна и флексибилна Армија која ќе ја гарантира безбедноста која континуирано ќе биде модернизирана и ќе јакнат нејзините оперативни способности. Предвидена е промена на структурата на АРМ, како и реорганизација на Министерството за одбрана со фокус на тоа да се обезбеди подобро менаџирање.





