Конзервативната претседателка на Унгарија, Каталин Новак, во саботата објави дека поднесува оставка по гневот кој го предизвика во јавноста откако помилува маж осуден за сексуално злоупотребување деца.
Блиската сојузничка на премиерот Виктор Орбан во телевизиско обраќање објави дека се повлекува од својата функција.
„Направив грешка … Денес е последниот ден кога ви се обраќам како претседателка“, рече Новак во говорот што го пренесе државната телевизија.
Новак беше под зголемен притисок поради помилувањето човек кој беше осуден како соучесник затоа што помогнал да се прикрие случај на сексуална злоупотреба во дом за деца.
Таа ја објави својата оставка по повеќе од една недела јавно негодување, откако беше откриено дека издала претседателско помилување во април 2023 година.
Неколку илјади луѓе се собраа во петокот во Будимпешта пред седиштето на унгарската претседателка, повикувајќи ја да поднесе оставка откако дознаа за помилувањето.
Јавноста е огорчена откако се појавија информации дека Новак, првата жена претседател во историјата на Унгарија, помилувала во април 2023 година вработен во дом за деца, кој во 2018 година беше осуден за вршење притисок врз жртвите да ги повлечат своите тврдења дека директорот на домот сексуално ги злоупотребувал.
Директорот е осуден на осум години за злоупотреба на најмалку 10 деца во периодот од 2004 до 2016 година.





