Претседателите на Полска Анджеј Дуда, на Летонија Егилс Левитс, на Литванија Гитанас Наузеда и на Естонија Алар Карис патуваат во Киев, пренесува Укринформ.
„На пат кон Киев со силна порака за политичка поддршка и воена помош. Литванија ќе продолжи да ја поддржува борбата на Украина за нејзиниот суверенитет и слобода. Заедно за победа!“, напиша Наузеда на Твитер.
Објавата е придружена со фотографија, на која се гледа дека тие ќе патуваат со воз.
Се очекува тие со украинскиот претседател Зеленски да разговараат за обезбедување помош на украинската армија и цивили, како и за истрага на воените злосторства, со цел сторителите да се повикаат на одговорност.
Но, Зеленски вчера одбил да го прими својот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер, кој имал намера да го посети Киев денеска со останатите четворица претседатели.
Украинскиот претседател рече дека Штајнмаер „не е добредојден“ поради неговите „блиски врски со Русија“.







