Новинарот на порталот Доказ Марјан Стаменковски го бара нарачателот на нападот во кој пред две недели бил претепан со метална шипка.
Според Стаменковски напаѓачот е извесен Горан Марковиќ од Скопје кој веќе е приведен од МВР но тој сега бара да се открие напаѓачот.
Стаменковски кој објавува фотографија на напаѓачот го поврзува со неколку лица од политиката кои сакале да му се одмаздат за написи во кои тој пишува и за приватни и интимни настани и ситуации поврзани со високи политички фигури.
МВР вчера соопшти дека го пронашла напаѓачот на сопственикот и уредник на порталот ДоказМ пред петнаесет дена во Скопје.
„ На 19.04.2022 во 10.00 часот во Скопје од полициски службеници од Одделението за насилен криминал трговија со луѓе и посредување во вршење на проституција во рамки на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје е приведен Г.М.(35) од Скопје, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело Насилство, казниво по член 386 од Кривичниот законик. Тој на 05.04.2022, на подрачјето на Карпош, со тврд предмет физички го нападнал М.С.(44), со живеалиште во Скопје. За случајот е известен Јавен обвинител и по целосно документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок”, соопшти МВР.
Во СВР Скопје во 15.02 на 05.04.2022 од страна на 43-годишниот М.С. било пријавено дека околу 14.35 часот на улицата Клепа, додека се движел заедно со синот, бил физички нападнат од едно лице со тврд предмет. Лицето најпрво го нападнало М.С., по што избегало со возило опел. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“.
Стаменковски беше претепан и во јули 2015 година кога помина со тешки телесни повреди, пишува порталот Плусинфо од каде побарале став и од Здружението на новинари на Македонија за овој настан, но до објавувањето на нивниот напис не добиле одговор.





