Пресврт во Собранието: ВМРО-ДПМНЕ бара да се гласа за 5-от сет мерки за поддршка на граѓаните

Координаторот на пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска на прес-конференција во Собранието изјави дека неговата пратеничка група е подготвена преку дебата да го изгласа петтиот сет економски мерки за справување со економските последици од Ковид-19 пандемијата.



„Граѓаните, компаниите и стопанството немаат време за чекање. Економијата нема време за политиканство. Помошта е потребна веднаш. Од тие причини како пратеничка група на ВРМО-ДПМНЕ бараме владеачката коалиција веднаш да закаже пленарна седница, каде заедно ќе ги дискутираме и изгласаме петиот сет на економски мерки“, рече Мицевски на денешната прес-конференција.

Собранието на оваа тема досега беше блокирано затоа што владејачкото мнозинство во Собранието во моментот има 62-јца пратеници, а двајца од нив беа позитивни на Ковид-19. Поради тоа мнозинството не може да обезбеди кворум за работа и да се гласа за одредени закони, доколку опозицијата не присуствува на седниците.

Во меѓувреме пратеничката група на Алијанса за Албанците и Алтернатива со над 32.000 амандмани блокираат 20 закони, меѓу кои и одлуката за продолжување на кризната состојба со околу 400 амандмани, поради неподдршката за нивниот предлог на Законот за државјанства.

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ завчера побара посебна седница за антикризните закони и одлуката за продолжување на кризната состојба на северната и јужната граница, но тоа за претседателот на Собранието Џафери е неприфатливо и „поставување ултиматуми“ и тој остана на ставот дека пратениците треба најнапред да го изгласаат дневниот ред на 36. седница и притоа да се утврдат приоритетни точки за гласање.

Денеска во заканодавнкот дом треба да се случи средба меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ДУИ, Али Ахмети за одблокирање на Собранието.