Во Основниот кривичен суд во Скопје денеска треба да се изрече пресудата за поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, и шестмина припадници на поранешните „алфи“ во предметот „Тортура“, кој се однесува на начинот на кој беше уапсен лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, на 6 јуни 2011 – ден по парламентарните избори.
Политички реваншизам бил мотивот за начинот на кој што беше уапсен Љубе Бошкоски тврдеше Обвинителството во завршните зборови за случајот „Тортура“. Имало мачење при апсењето на Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011-тата година, еден ден по тогашните парламентарни избори. Бошкоски не давал отпор, а била употребена полициска сила, бил легнат наземи, го снимале телевизиски камери и сето тоа предизвикало психичко страдање – рече обивинителството.
Комплекснота на кривично правниот настан во својата суштина опфаќа повеќе дејствија – од првичната непотребна употреба на прекумерна сила, легнување на земја, малтретирање, понижување и омаловажување пред камера, но и свесното и интензивно прикажување на оваа постапка пред широк аудиторим, а со јасна и директна намера на комплетно и апсолутно лично и политичко уништување на политичкиот противник, жртвата во јавност, рече обвинителот Лапе.
Видео снимката на МВР од апсењето на Бошковски, за обвинителот Лапе е потврда за делата за кои се товарат обвинетите. Адвокатите на обвинетите апсењето на Бошковски е чисто изведена полициска акција.
„До ваквиот заклучок одбраната доаѓа по извршената анализа на одбраните на обвинетите кои на прашање на судот дали помеѓу нив и Сашо Мијалков бил реализиран каков било телефонски или друг вид контакт пред и после настанот и дали лично го познавале Сашо Мијалков, децидно одговорија дека ниту лично го познавале ниту кога било имале остварено каков било вид контакт со Сашо Мијалков“, рече адвокатот Љупчо Шврговски.
И во овој случај, прво обвинет е екс-директор на УБК, Сашо Мијалков. Тој се товари за кривичното дело „мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување“. За истото кривично дело се осомничени и шест поранешни припадници на единицата „Алфа“.







