Универзитетската професорка Тања Каракамишева пред Уставниот суд поднела барање за заштита на слободите и права во врска со Преспанскиот договор.
За оваа нејзина иницијатива извести Уставниот суд на својата веб страница и неа оваа судска инстанца ќе ја разгледува на својата утрешна седница, јави порталот Фактор.
„Според подносителката на барањето, повредено е правото на забрана од дискриминација по основ на национална припадност и правото на слобода на уверување, совеста , мислата и јавното изразување на мислата од член 110 став 1 алинеја 3 од Уставот, гарантирани со меѓународни документи.
Подносителката смета дека повредата на горенаведените права била направена со дејството потпишување на поединечен акт, односно потпишување на „Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во Резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите Нации,за престанување на важноста на привремената Спогодба од 1995 и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните склучена во Преспа (Нивици) Грција на 17.06.2018 меѓу „Првата страна“ Грција претставувана од министерот за надворешни работи Никос Коsијас и „Втората страна“ (безимена држава) претставувана од министерот за надворешни работи, Никола Димитров“, се вели во известувањето од Уставниот суд.
Дополнително, како што се додава, подносителката на иницијативата смета дека повредата е направена со дејство – склучување на оваа Спогодба, нејзиното имплементирање, дејствата покренување на постапка за измена на Уставот во Собранието на Република Македонија согласно овој акт, формирање административен заеднички интердисциплинарен комитет за цензура и слобода на говорот, дејствата на согласување на државата под странски притисок на дополнителни услови за прием во ООН и тековно водење на земјата под привремена референца.
„Подносителката предлага нејзиното барање да биде усвоено во целост и да се утврди повреда на наведените слободи и права, да се поништи поединечниот акт и да се забранат наведените дејствија, а до донесување на конечниот акт Судот да донесе Решение за определување на времена мерка согласно член 57 од Деловникот на Уставниот суд“, се вели во известувањето. (ФАКТОР)






