Министерот за надворешни работи Никола Димитров денеска на собраниската Комисија за европски прашања потврди дека Преспанскиот договор со Грција не може да се имплементира во целост се додека Македонија не ги отпочне преговорите со ЕУ, алудирајќи на одредбите за практикувањето на името во внатрешната употреба.
„Во Договорот во однос на внатрешните документи има условување со почетокот на преговорите. Договорот не може да се имплементира во целост ако не сме во ЕУ – рече Димитров.
Претходно тој како дволични ги оцени критиките од ВМРО-ДПМНЕ за недобивањето датум за преговори со ЕУ.
„Да сум на нивно мести би ми било срам да ги изговорам буквите ЕУ – рече Димитров кога пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата на комисијата со која претседава Артан Груби од ДУИ.
Од опозицијата најавија дека за ова прашање ќе се расправа и утре на Комисијата за надворешна политика со единствена точка на дневен ред: Извештај на министерот за надворешни работи Никола Димитров за спроведувањето на надворешната политика, а со истата ќе претседава Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.





