Американскиот амбасадор во Приштина, Филип Коснет, го посочи како пример Преспанскиот договор во однос на можноста пет земји-членки на Европската унија да го сменат својот став за признавањето на Косово ако дојде до промена на односите меѓу Приштина и Белград.
„Кој мислеше дека Северна Македонија и Грција ќе постигнат договор за името, но тоа се случи. Луѓето мислеа дека е невозможно Обединетите Арапски Емирати, Бахреин или Судан да изградат односи со Израел, но и тоа се случи“, изјави Коснет за косовската ТВ Дукаѓини.
Тој му порача на Косово дека „како дел од Европа, треба да одржува добри односи со официјален Брисел“.
„Кога дојдов во Косово, се среќавав со политичките лидери и често ми зборуваа дека не им се потребни Европејците, бидејќи имаат посебни односи со САД. Им реков: ‘Да, имате посебни односи со САД и би сакал
демократите и републиканците во САД да се договорат и околу други прашања, како што се договараат околу односите со Косово, но погледнете ја картата – Косово не е во Северна Америка, туку во Европа“, додаде Коснет.





