Здравствениот систем да се подготви за справување со нови случаи на заразени со морбили кои би можеле да се очекуваат во Македонија, препорача Комисијата за заштита од заразни болести. Портпаролот на Комсијата, Злате Мехемедовиќ, соопшти дека донеле три препораки откако го разгледале случајот со тринесетмесечното дете од Свети Николе заразено со морбили кое е веќе пуштено на домашно лекување.
„ Првата и основна работа е да се засили епидемиолошкиот надзор врз сите исипни трески затоа што на тој начин ќе можеме побргу да го ублажиме процесот на ширење на новодететктираните случаи. Второто е да се подигне свесноста меѓу здравствените работници и меѓу популацијата за постоење случај на морбили во државата. Третата препорака се однесува на матичните лекари, педијатрите и инфектолозите, внимателно да ги следат сите симптоми што се карактеристични за морбили во државата и да ги пријавуваат до надлежните центри за јавно здравје. Воедно, матичните лекари и педијатрите, суспектните случаи да ги препраќаат до специјалисти и инфектолози за понатамошна дијагностика“, рече Мехмедовиќ.
Тој препорача сите материјали кои ќе бидат земени од сомнителните случаи да се испраќаат до референтната лабораторија во Институтот за јавно здравје за дефинитивна дијагноза. Лабораторијата во институтот, Мехмедовиќ вели дека е референтен центар за дијагноза на сите исипни трески.






