Наместо премиерот, за пошироката јавност непознатиот советник на Спасовски им оддал почит на загинатите бранители на Карпалак.
Советникот на премиерот Драган Василевски во име на Владата оддал почит на загинатите бранители на Карпалак информираат од владината служба од каде не кажуваат со што е зафатен Спасовски.
“Во име на Владата на Република Македонија, Драган Василевски, советник за одбрана на премиерот, денеска, положувајќи свежо цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, оддаде почит и учествуваше во одбележувањето на 19-годишнината од за загинувањето на десетмината припадници на резервниот состав на Армијата во оружениот конфликт во 2001 година”, соопшти владината прес-служба.
Пред спомен обележјето посветено на прилепските бранители, Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Вељаноски, Веби Рушидоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, венци со свежо цвеќе положи и делегација од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, делегација од Кабинетот на Претседателот на Република Македонија, делегации на прилепската локална самоуправа, претставници од составот на резервните воени обврзници, членови на семејствата и пријатели на загинатите.
Споменот и одбележувањето на годишнината од смртта на десеттемина армиски резервисти започна синоќа во Прилеп, каде во име на Владата на Република Македонија, советникот на претседателот на Владата, Драган Василевски, положи свежо цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев”, како и пред споменикот на бранителите во прилепското село Лениште.
Зошто премиерот Оливер Спасовски не најде време за оддавање почит кон загинатите бранители останува енигма.
Премиерот нема ниту една објава на профилите на социјалните мрежи за бранителите од Карпалак.






