Премиерот се сретнал со шеф на организација на кој ни име не му споменува, се жалел на ВМРО-ДПМНЕ (ФОТО)

Во владиното соопштение за јавност прес службата на владата информира за средба на премиерот Ковачевски со организацијата Цивил.



Крајно невообичаено владата во соопштението не го споменува името на претседателот на организација иако пишува дека неа ја предводел токму претседателот.

Претседател на Цивил е контроверзниот Џабир Дерала кој беше дел од партиски митинг на СДСМ а сега со шефот на владеачката партија се среќава како невладин активист.

Дали владата не сака да го спомене Дерала во соопштението во обид да не си го наруши имиџот со средбата или се работи за друга причина засега нема логично објаснување.

Со оглед на тоа што во владата постои механизам за проверка на владините соопштение пред да бидат објавени мала е веројатноста дека се работи за обичен гаф иако и тоа не може да се исклучи целосно.

Досега секогаш во владините соопштенија покрај името на организацијата која се среќавал со владата и премиерот се споменувале и претседателите на организациите кои како функција се наведуваат во објавата.

На средбата, како што стои во соопштението било потенцирана, што значи од двете страни, штетноста на блокадата на опозицијата на Собранието.

Зошто Ковачевски би се жалел на гости од невладиниот сектор на опозицијата исто така не е целосно јасно.

Во состав на невладината организација Цивил работат и два медиуми кои се меѓу најголемите апологети на владата и најголеми критичари на опозицијата.

Целото соопштение за средбата со Цивил.

Претседателот на Владата на Република Македонија, Димитар Ковачевски денеска прими делегација на организацијата за човекови права „Цивил“, којашто ја предводеше претседателот на организацијата.

На средбата стана збор за владините програми и соработката со граѓанските организации во јакнење на граѓанските вредности и капацитети во државата, борбата против дезинформациите, транспарентност на институциите, како и имплементацијата на „Национална стратегија за развој на концептот за едно општество и интеркултурализмот во Република Македонија”.

Премиерот Ковачевски на средбата посочи дека во изминатите пет години Владата покажа што значи демократија, лична слобода и право на мислење, почит, толеранција и недискриминација и дека со владината стратегија за едно општество се идентификувани темелните одредници за заедница во која секој граѓанин, без исклучок, ќе се чувствува како еднаков, рамноправен припадник на општество, кое е и фер и правично за сите.

Со промената на власта во 2017 година, истакна Ковачевски, и за медиумите, и за граѓаните се случи пресврт во медиумскиот етер по повеќе основи. Запре репресијата, диктирањето и контролата, а на јавната сцена доминираат слободата на мисла и на изразување, гласната критика и натпреварот на мислења, идеи и аргументи.

На состанокот беше посочено дека низ максимално почитување на принципот на инклузивност, Владата во тесна и продуктивна соработка со граѓанскиот и бизнис секторот останува максимално посветена на имплементација на принципите за отворена власт.

Премиерот Ковачевски на средбата како посебно значајна ја нагласи активноста на „Цивил Медија“, како дел од организацијата за човекови права „Цивил“, во разобличувањето на дезинформациите.

Во однос на актуелната кампања на опозицијата за блокади и за бојкот на институциите, на средбата беше потенцирано дека станува збор за неодговорно однесување кое единствено има за цел да генерира дополнителна криза за да се предизвикаат предвремени избори.

На средбата беше изразена согласност дека од посебна важност е да заврши процесот за реформи на изборниот процес, и дека во овој момент предвремените избори ќе предизвикаат дополнително одлагање и на другите процеси кои се од посебна важност за граѓаните и државата.