„Можам да кажам: Да, јас сум човек којшто ќе се сретне со сите со коишто треба, меѓутоа не под притисок и не под уцена“, изјави денеска премиерот Димитар Ковачевски во врска со барањето на приватните превозници кои бараат средба со премиерот откако градоначалничката Данела Арсовска ги игнорире нивните барања.
„Прво што треба да направат е да ги ослободат улиците и да им ги вратат на граѓаните на Градот Скопје, чија што сопственост се тие улици, за да може градот да функционира.
Второ, на тој состанок мора да бидат и надлежните органи од Градот Скопје. Зашто? Бидејќи мора да се види со нив, затоа што Владата нема надлежност во делот на јавниот превоз во Градот Скопје.
И трето, се работи за должничко-доверителски односи помеѓу приватни компании и јавно претпријатие во надлежност на Градот Скопје и сите тие претпоставки мора да се имаат во предвид“, истакна Ковачевски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата посветена на буџетот на МТСП за 2023 година.
Тој додаде дека кога ќе се исполнат условите за дијалог без притисок, базиран на факти и со вклученост на сите коишто се надлежни да го решат проблемот, тогаш може и да има средба со приватните автобуски превозници.
Приватните автобуски превозници, кои протестираат со блокада на булеварот „Илинден” во Скопје, откако не добија одговор на барањето за средба со скопската градоначалничка Данела Арсовска, вчера побараа да бидат примени од премиерот Димитар Ковачевски.
Тие на 5 декември оваа година со околу 200 автобуси поставија блокади на неколку главни точки во Скопје, односно на крстосниците пред ТЦ Мавровка, Црвен Крст, како и булеварот „Илинден”. Во петокот ги одблокираа крстосниците кај Мавровка и Црвениот крст и останаа да протестираат само на бул. „Илинден” во околината на Град Скопје.







