Премиерот не кажа дали се крчка европско знаменце за 60-часовна работна недела за коридорите

Премиерот Димитар Ковачевски застана во одбрана на предлог-измените на Законот за работни односи со кои градежните работници на коридорите 8 и 10 треба да работат 60 часа неделно. Ковачевски смета дека со овие измени ќе се зголемат продуктивноста и платите на градежните работници.



  • Доколку бидат донесени овие законски измени, ќе може да се ангажираат помал број работници и да се работат повеќе часови, па поголем дел од финансиските средства ќе останат во државата. Без законски измени ќе дојдат повеќе странски работници. Сите работници ќе имаат право да дадат согласност за 60-часовна работна недела и секој час би бил платен, вели Ковачевски.

Премиерот Димитар Ковачевски не прецизира кои ќе бидат следните чекори на власта откако денеска беше откажана собраниската Комисија за труд и социјала на која требаше да почне амандманската расправа за измените на Законот за работни односи, за кои опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ поднесоа 1.111 амандмани. Премиерот не одговори дали по амандманската блокада од опозицијата власта ќе ги повлече измените на Законот за работни односи и ќе го достави со европско знаменце.

  • Целта на законски измени е овозможување на што поефикасно спроведување на изградба на коридорите 8 и 10д. Пратениците го донесоа специјалниот закон и подоцна за забрзување на постапките во делот на градежништвото, пратениците поднесоа закони, кои за жал, партија која е против сите стратешки инвестиции во државата поднесе амандмани со кои се одолжува расправата. За тоа кои ќе бидат наредните чекори кои ќе овозможат поефикасно градење на овие стратешки проекти ќе бидете благовремено информирани. Определбата на Владата и на мнозинството е тоа да биде направено во интерсе на институциите и на граѓаните и на компаниите за кои се прават овие коридори, вели Ковачевски.