Премиерот ќе смета на „началникот со џипот“, и ако утре биде сменет

Директорот на Биро за јавна безбедност (БЈБ), Лазо Велковски, ќе остане во Министерство за внатрешни работи и по очекуваната смена од функцијата на утрешната седница на Владата поради аферата „Џип“, најави премиерот Зоран Заев.



„Господинот Велковски е еден од моите први соработници, како и на министерот Оливер Спасовски, но грешката е направена. Одговорноста мора да се понесе. Верувам дека тој ќе остане и понатаму значаен фактор во МВР поради тоа што е важен со неговото искуство, е од помош на државата. Таа треба да продолжи да го користи неговото искуство во работата. Исправен пред одредени закани што во минатото се насочени кон него и кон неговото семејство, секако ја направил грешката и за таа грешка секако треба да се понесе одговорност. Министерот преку МВР веќе објави јавно, даде предлог за разрешување, Владата на утрешната седница ќе го разгледа таквиот предлог и ќе одлучи по него“, изјави Заев.

Велковски се најде на удар на јавноста поради испраќањето на својата ќерка во Грција на Илинден со службен џип и со обезбедување, а без решение.