Наредната недела премиерот Димитар Ковачевски и актуелните министри во владата ќе поднесат оставки во Собрание, со што до крајот на идната недела ќе стапи техничката Влада која ќе раководи со Македонија во наредните сто дена до избори.



Премиерот денеска соопшти дека за законските рокови за поднесување оставки, утрово на состанок разговарал со претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба 100 дена пред изборите да биде технички премиер, и со координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, кој е кандидат за претседател на Собранието додека трае техничката влада.

Ковачевски рече дека во СДСМ е почната процедурата за предлагање можни кандидати за претседател на државата и за пратеници.

„Таа е статутарно пропишана и штом ќе заврши ќе може да бидат споделени имињата со повисоките органи на партијата. Прво оди во месни организации, потоа во општински организации и потоа доаѓа Извршниот и Централниот одбор.

Дотогаш имињата не се коментираат бидејќи има поширока палета на имиња…“ рече тој.