По многу перипетии, капитенот и најдобар македонски фудбалер Горан Пандев се појави на стартот од подготовките на репрезентацијата на Македонија за натпреварот со Косово во четврток.
Неговото присуство на првиот тренинг ја крена атмосферата во националниот тим пред полуфиналето на Лигата на нациите, откако еден од адутите Елиф Елмас отпадна поради позитивниот тест на коронавирус.
Првиот меѓусебен дуел со Косово на 8 октомври од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ е претпоследна пречка до Европското првенство 2021. Победникот од овој меч на 12 ноември ќе му гостува на подобриот меѓу Грузија и Белорусија во директната пресметка не само за шампион на дивизијата Д од Лигата на нациите, туку и за историски пласман на ЕП.






