Вработените во Царина го кренаа гласот. Тие излегоа на предупредувачки протест во знак на револт, зашто власта не сака да ги чуе нивните барања. Бараат исплата на додаток на плата од 30% и нов колективен договор кои ќе ги гарантира нивните права. Доколку не наидат на слух од надлежните институции се заканија дека ќе ги радикализираат протестите, а една од опциите е затворање на граничните премини.

Пред Царинската зграда дојде и новоназначениот директор Стефан Богоев. Тој им се обрати на присутните, но не им вети ништо, зашто како што рече, на функција бил само 24 часа.
- – Со службите на Царинска управа, ќе разговараме што досега е направено, бидејќи и досега се направени работи во поглед на работничките права и условите за работа. Во координација со Управата за јавни приходи, која има сличен проблем, ќе разговараме со Министерството за финансии, изјави Богоев и додаде дека во ниту еден случај не треба да дојде до затворање на границите.

Богоев се надева дека нема да дојде до блокада на граничните премини, за кои вработените во Царината спремни се да го сторат тоа ако не им се исполнат барањата.
Покрај вработените во Царина, протестираат и вработените од УЈП. Шалтерите ќе бидат затворени секој ден по два часа, од 10 до 12. Како што најавија синдикалците, веќе се влезени во постапка за организирање на генерален штрајк. Велат дека револтот на вработените бил се поголем, зашто тие го бараат само она што законски им следува. И вработените во УЈП, но и овие на Царина побараа средба со министерот за финансии Фатмир Бесими, но тој, како по обичај, не најде време да ги прими.





