Пациентите со цистична фиброза денеска во 14 часот пред Владата ќе се збогуваат од битолчанецот Благојче Илијевски, кој вчера почина како последица на болеста чекајќи го лекот „Трикафта“.



Во исто време, во Битола ќе бидат погребани неговите посмртни останки.

„Не постои поголемо кршење на човековите права од тоа да се дозволи да умираат луѓе од болести за кои има лек,“ реагираа вчера од Асоцијацијата за цистична фиброза.

Според нив Благојче е жртва на системот.

Поради инертноста на системот од надлежните институции и поради тромите бирократски процедури, тој почина прерано, чекајќи го лекот Трикафта, велат пациентите со цистична фиброза.

Претседателот на Асоцијацијата за лицата болни од цистична фиброза, Фики Гаспар, за „Макфакс“ вели дека здравствената состојба на болните е доволно лоша и дека не треба да се дозволи чекање и одолжување за набавка на лекот „трикафта“.

Гаспар и јавно испрати порака:

„Не смееме да дозволиме да ни почине пациент“ по што додава дека тројца пациенти се во критична состојба и секој ден многу им значи.