Правната фела со остри критики за законот за рестриктивни мерки. Најавуваат дека бесплатно ќе ги бранат засегнатите

Адвокатите најавуваат дека „про бпоно” ќе ги бранат сите лица кои би биле засегнати од законот кој црните листи на САД и Обединетото Кралство се вмешуваат во македонскиот правен систем. 



Жестока критика повторно стигна и од Професорот Гордан Калајџиев. Тој, преку свој фејсбук пост, реагира и на изјавата на вицепремиерката Славица Грковска, која, како што вели, експертите што даваат забелешки на овој предлог закон ги нарекува квази експерти, а упатува критика и до министерот за надворешни работи Бујар Османи.

-Досега не сум слушнал еден правник да каже нешто во одбрана на Законот за рестрикции! За Грковска (математичар) сета лавина од критики е од страна на „квази експерти“ што не и сакаат добро на државата (тоа само таа и Бујар (хирург) и’ го сакаат!? Бре бре…“, пишува професорот Калајџиев во својот статус.

Неговиот пост предизвика и серија други критики и забелешки на овој предлог закон, а меѓу нив може да се издвои и коментарот на адвокатката Анита Бегова. 

Според неа, овој предлог закон е неуставно законско решение, притоа потсетувајќи дека во земјава, барем според Уставот, сопственоста е загарантирана. 

Бегова најавува дека за овој предлог закон ќе поднесе и иницијатива пред Уставниот суд, како и дека про боно ќе ги брани сите лица што ќе бидат засегнати од тој закон. 

„Со индигнација одбивам да се впуштам во дискусија за неуставни и ступидни законски решенија кои се носат само за да се додвори нашата некадарна и вазалска власт, кон државата која донела некакви рестриктивни мерки, кои важат за некое лице на нивна територија. Во нашава држава, барем по устав сопственоста е загарантирана, а кривична одговорност се утврдува според КЗ во кривична постапка утврдена со ЗКП. И пошто не сакам да полемизирам на темава, ќе поднесам иницијатива пред Уставен и про боно ќе ги бранам сите што ќе бидат засегнати од овој закон“, пишува адвокатката Бегова во својот коментар на фејсбук.

Извор: https://faktor.mk/kalajdziev-ni-eden-pravnik-ne-se-izjasni-pozitivno-begova-pro-bono-kje-gi-branam-zasegnatite—pravnata-fela-na-noze-protiv-predlog-zakonot-za-restrikcii