Со должно извинување за употребениот „француски“ во насловот, но, едноставно, се потрошија пристојните изрази за сите (не)можни небулози во тоа што остана од Македонија, меѓу кои за самиот врв конкурира огласот за вработување во Гинеколошко-акушерската клиника (ГАК). Со него за специјалист по гинекологија и акушерство се бара Албанец или Турчин, за специјалист по педијатрија исклучиво Албанец, а по анестезија и интензивна нега Албанец или Ром!!!
Ете уште еден повод за „спрдачење“ во регионот по она чудо што осамна на плоштадот „Македонија“, а за кое од Град Скопје тврдеа дека е елка. Судејќи според огласов, докторите Македонци, Срби, Бошњаци или Власи не знаат од каде треба да излезе бебето од мајката?! Или можеби ќе чекаат да го пушти штркот низ оџакот? Или, пак, до толку се математички инфериорни во однос на колегите Албанци, Турци и Роми, па не знаат ни да бројат? За да утврдат колку прста е „отворена“ родилката…
Не, бе, не било до тоа, „фала Богу“. До Законот за вработување во јавниот сектор било. А тој предвидувал правична застапеност во сите институции.
Имајќи го тоа на ум, сега сигурно им е полесно на идните мајки што треба да се породат на ГАК. Додека врескаат од породилни болки, многу ќе им значи тоа што докторот што треба да ги породи е Албанец, Турчин или Ром, а не Македонец, Србин, Бошњак или Влав. Ма, веднаш ќе се успокојат од сознанието дека е испочитуван Рамковниот договор преку правичната застапеност на сите националности наведени во Преамбулата на Уставот. А нивната рожба кога ќе дојде на овој свет гарант нема да заплаче, туку блажено ќе му се насмевне на чичкото во бел мантил оти е со етничка припадност соодветна на огласот за вработување во Клиниката. Ќе плаче кога ќе порасне и ќе сфати каде се родил(а)…
Колку „убаво“. Толку многу што може да се спореди само со чувството на некој што, на пример, има страв од летање, но му рекле дека контролорот на лет е таму благодарејќи на правичната застапеност. И патников повеќе не се плаши. Демек, нека падне авионот, ако треба, важно типот е „од нашите“?! Дотаму ли дојде работава?
Ако ова некому сè уште му изгледа логично и прифатливо, има една „ситница“ што ја расипува забавата. Зошто, побогу, ако правичната застапеност како што се спроведува во Македонија е толку добра идеја, не се користи ама баш никаде на друго место во светот? И како тоа намерата да се задоволи и надмине нечие чувство на обесправеност во општеството се претвори во театар на апсурдот како во случајот со ГАК?
Најсетне, кој е тој што би си го ризикувал животот со одење под нож кај хирург вработен според етнички критериум, а не врз основа на стручноста? Има ли таков во оваа недојдија и зошто не?




