Пратеникот Василевски гласал со чиста совест за отворање на Уставот

Пратеникот Сашо Василевски, еден од седумтемина исклучени од ВМРО-ДПМНЕ поради гласањето за отворање на Уставот заради амандмански интервенции во согласност со Преспански договор, изјави дека тоа го сторил со чиста сосвест, бидејќи Македонија немала друг пат освен интеграција во ЕУ и НАТО и стратешко партнерство со САД.



„Го притиснав зеленото копче без притисок и без грам совест што би ме мачела. Лажниот патриотизам и национализам, кои 30 години како народ нè измачуваа, треба еднаш засекогаш да ги оставиме зад нас. Македонија има единствен пат, а тоа е европското семејство, да бидеме членка на ЕУ и НАТО. Ќе се борам како пратеник да го јакнеме стратешкото партнерство со САД. Овие лажни патриотизми ќе бидат некое време присутни, но нема да успеат. Треба да се стави крај на поделбите меѓу патриоти и предавници и меѓу Македонци и Албанци. Тие се наши браќа и така треба да живееме во оваа држава, инаку чаре ни нема“, изјави Василевски, кому синоќа пред неговиот дом учесници на протестот во Охрид му врачија писмо со барање да не го поткрепи заокружувањето на процесот на уставната ревизија.

Василевски, кој беше ослободен од домашниот притвор за настаните од 27 април три дена пред гласањето во Собрание за промени во Уставот, му упати и отровна стрела на лидерот на опозицијата Христијан Мицковски, порачувајќи му дека „не може како лидер да се затскрива зад народот, зад тие виртуелни 1,2 милиони луѓе“, кои не гласаа на референдумот на 30 септември.

„Мојата партија, за жал, бојкотираше и затоа овие цифри се нереални“, додаде тој.