„Заканите за можна војна меѓу Косово и Србија предизвикаа вистинска вознемиреност и кај Албанците. Шаип Камбери, единствениот пратеник-Албанец во српскиот парламент од Прешевската долина, изјави дека Балканот ќе биде брануван се додека нема мир меѓу Косово и Србија. Според него, нерешените односи меѓу нив се вистинска закана за Балканот.“ – објави информативната агенција на албански јазик „Журнал“ од Македонија во својата информација со наслов „Нова војна на повидок? – Камбери: ‘Немирниот Балкан без мир во Косово-Србија“
„Журнал“ го пренесува ставот на пратеникот Камбери: „Без дефинирање на односите меѓу Косово и Србија Балканот не може да се стабилизира. Во Косово се случува закана за една нова војна. Се гледа колку е кревка ситуацијата. Секоја регионална иницијатива, билатерална, е загрозена од нерешените односи меѓу Косово и Србија.“
Можното избувнување оружен судир на северот на Косово меѓу Србите и Албанците веројатно би создало голем предизвик, ако не и реални проблеми на безбедносен план и за Република Македонија. Кон средината на ланскиот септември тогашниот премиер Зоран Заев заедно со косовскиот премиер Албин Курти ја потпиша крајно проблематичната СОФА – спогодба со Косово на воено поле, со кое на косовската војска и се овозможува слободно да влегува во Македонија и да излегува од неа, привремено да престојува во неа, но и да може да минува низ (транзит) на територијата на македонската држава. Потпишувањето на СОФА-спогодбата тогаш предизвика многубројни негативни реакции во Македонија.
Ваквиот воен договор би можел да ја попречи воено-политичката неутралност на Македонија во случај на можни воени дејства во Косово, зависно од движењата на Силите на безбедноста на Косово, односно на оваа армија во зародиш, која сега брои околу 6 илјади војници и околу три илјади резервисти. Таа добива повремено воено вооружување од САД и одделни држави-членки на НАТО.





