Костас Дузинас, пратеник на владеачката партија СИРИЗА, уверува дека Грција „има целосна намера“ да го ратификува договорот со Македонија за името.
„Ако Русите продолжат да се обидуваат да го поткопаат, реакцијата ќе биде силна“, порача претседателот на парламентарната комисија на грчкиот парламент, посочувајќи ја одлуката да се протераат двајца руски дипломати поради наводниот обид да се влијае против договорот со Скопје.
Во исто време потпретседателот на Независни Грци, Панос Сгуридис, ја обвини Москва дека се меша во процесот на усвојување на договорот, иако неговата партија е против него.
„Важно е да биде заштитен грчкиот национален суверенитет“, изјави вториот човек на помладиот партнер во коалицијата на власт во Грција.





