Потпретседателот на ДУИ и пратеник Изет Меџити се заканува дека обидот на власта со помош на Алијанса за Албанците да дојде до 80, може да ја урне владата затоа што власта може да нема ниту 61 пратеник.
На Меџити не му е јасно од каде СДСМ и ДУИ ќе најдат две третини пратеници за уставни измени кога се потребни уште шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.
За Меџити кој е еден од лидерите на фракцијата позната како ,,Огнена Група” во ДУИ, таканаречената Алијанса за Европа со Алијанса за Албанците која ја промовираат Ахмети и Ковачевски всушност е Алијанса за Артан (Груби) и има цел да го спаси првиот вицепремер.
„Во време кога власта има 64 пратеници, за да го спаси Артан, зема пратеници од опозицијата, што значи дека Алијанса е за Артан, а не за Европа. Правејќи акробации за 80, можеби немаме ни 61 пратеник. Сега за Европа ќе одат со Арбен Таравари, кој до вчера беше со Москва и со Левица. За да се изгласаат уставни измени, потребни се уште шест пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но и тоа не е сигурно, па ќе треба да се обезбедат уште со нова акробација“, рече потпретседателот на ДУИ и член на „огнената група“, Изет Меџити, од средбата со партиски членови и симпатизери во Гостивар.
Членови на т.н. „огнена група“ од ДУИ вчера одржаа средба со партиски членови и симпатизери во Гостивар, од каде што уште еднаш изразија незадоволство од резултатите на извршната власт на ДУИ во Владата на чело со Артан Груби како прв вицепремиер, објавува 360 Степени.
Изет Меџити уште еднаш изрази незадоволство од Артан Груби како прв вицепремиер во Владата и го повика лидерот на ДУИ, Али Ахмети, да го свика Централното собрание за да се види кој треба да си оди, а кој да остане.
„Грешка беше Артан Груби да биде организациски секретар бидејќи не ја познава структурата. Имаме парламент со лојални, но не и квалитетни пратеници. Ни требаат отворени листи“, додаде тој.
На средбата во Гостивар, меѓу другите, присуствувале и организациониот секретар на ДУИ и градоначалник на Сарај Блерим Беџети, поранешниот градоначалник на Гостивар и висок партиски функционер во ДУИ, Невзат Бејта, потоа Башким Хасани, заменик-министер за одбрана, Муса Џафери, Саранда Имери и пратеникот Кастриот Реџепи.





