Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ побараа оставка од Маричиќ

Пратеничката Дафина Стојаноска по паузата на седницата во Собранието на сесијата пратенички прашања побара оставка од вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, откако претходно го обвини дека ѝ испраќал цинични бакнежи и намигнувања.



– Жалам што премиерот Ковачевски ја напушти салата за да сведочи за однесувањето на неговиот вицепремиер пред паузата. Собранието има доволен број камери за да го уловат однесувањето на Маричиќ за кое јас реагирав. Но тоа што го стори не може ниту еден демант да го избрише – рече Стојаноска од говорницата, а зад неа стоеја сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа повторно го запраша вице-премиерот Маричиќ како не му е срам, па уште преку медиуми да го демнатира тоа што го сторил.

– Вие најдовте да кажувате дека јас го нарушувам достоинството на собранието. Излезете тука и вие одговорете кој го нарушил, а не премиерот да ве брани. Вие сте срам за владата, срам сте за цела држава. Зошто сега не сте толку храбар да ми испратите некоја гримаса? Оставка да си поднесете и вие бидете еден од најхрабрите од целата влада што требаше досега тоа да го стори – му порача Стојаноска.

– Некој вака со вашата сопруга да се однесува да видам како ќе реагирате, дали писмени деманти ќе давате или ќе се соочите. Ова е срам за држава. Дојдете да нѐ погледнете во очи, лесно е да се праќаат деманти. А да имавте малку срам сега не требаше да присуствувате во салата. Трепнете двапати ако сте киднапирани– рече Стојановска во својот говор и заедно со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ остана на говорницата барајќи оставка од Маричиќ.

Инаку по обвинувањето на Стојаноска веднаш реагираше владиниот функционер со демант на социјалните мрежи.

„Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал каква било комуникација ниту сум ѝ испратил каква било вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа. Дафина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сè на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации. Достојноста на македонскиот парламент е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор“, напиша Маричиќ на социјалните мрежи.