Прашањата за кои Рашковски не дава одговор

Генералниот секретар на владата Драги Рашковски вчера и денеска потврди најмалку две вистини за разговорот во кој тој договара тендер за МНАВ.



Рашковски признава дека учествувал на состанок на кој се договарал тендер на АД во државна сопственост за кое тој нема никакви ингеренции.

Понатаму тој не спори дека аудио снимката е автентична. Вели дека е монтирана но во ниеден момент не ја оспори автентичноста на аудио материјалот доставен од свиркач до порталот Експрес.мк.

Но, ниту тој, ниту владата не дадоа одговор на следниве прашања, пишува весникот Вечер.

1. Што бара ген – секот на влада на состанокот каде се одлучува за тендер во друго државно претпријатие?

2. Дали утре Рашковски ќе го повика и директорот на ЕЛЕМ, на ЈП Јасен, на ЈП за Стамбен и деловен простор или на МЕПСО за да одлучуваат за тендерска постапка и кој истата ќе ја добие?

3. Зошто ген – сек не ја почитува одлуката на владата од 36-та седница за ретендерирање, за ре-објавување на тендерот туку вика не е битно, не е валидно, ќе кажеме дека не важи, ќе го смениме тој заклучок?

4. А во тој разговор и самите признаваат дека датумот за тендерот за МНАВ изминал за 3 дена и соговорниците го истакнуваат тоа. Ако е пробиен рокот тогаш тие се свесни дека го кршат законот, но сепак проектот го доделуваат на италијанската фирма Леонардо. Зошто?

И на крајот, цело време се инсистира на тоа дека некој што наводно ги снимал имал намера да ја наруши безбедноста на граѓаните во авиосообраќајот. Дали такво лице се вика да присуствува на доверливи состаноци за авиосообраќајот?

Зошто Рашковски или Николче Тасески не поднеле кривична пријава за таков “злоумен човек” пред 2 недели, пред два месеци или пред пола година? Вчера ли им текна?

Но, еве да речеме дека свиркачот е прекршител на законот во обид. И да е така, тоа што наводно ги снимал законопрестапник нив ама воопшто не ги амнестира од законопрестапништво, заклучува Вечер во својата анализа.