„Од историските архиви: За третманот на бугарската држава над Македонците и Македонија“
„Многубројните историски сведоштва потврдуваат дека во Македонија се одвивал процес на бугаризација, процес што требало да ги оправда бугарските територијални претензии над Македонија. Во овој контекст се и пишувањата на В.Х. Крафорд Прајс. Тој во 1915 година го објави памфлетот ‘Интервенцијата на Бугарија и централното македонско прашање’ со намера да ја запознае пошироката европска јавност за бугарските територијални апетити кон Македонија. Од денешна перспектива памфлетот на Прајс е интересен од неколку агли, особено за намерите за бугаризација на Македонија“ – вели Далибор Станковиќ во својата анализа со наслов „Бугарскиот агресивен хегемонистички инженеринг“, која ја објави весникот „Нова Македонија“.
Станковиќ пишува: „Во светските архиви постојат голем број книги, памфлети и статии што определуваат дека во последните децении на 19 век, Македонија била подложна на еден бугарски агресивен шовинистичко-хегемонистички инженеринг. Многубројните историски сведоштва потврдуваат дека во Македонија се одвивал процес на бугаризација, процес што требало да ги оправда бугарските територијални претензии над Македонија. Светската архивската граѓа вели дека бугарските национални чувства кај еден дел од Македонците, во почетокот на 20 век, биле резултат на политичко-религиозната пропаганда, пропаганда што била поддржувана, финансирана и насочувана од Софија.“
„Санстефанска Бугарија“
„Прајс, како познавач на политичките состојби на Балканот, вели дека кога придушените ѕвона на историјата започнале да го одѕвонуваат крајот на турското владеење во Европа, Русија им ја подарила независноста на Бугарите, им наложила да ги свртат погледите кон запад и да ги одвратат ‘македонските Словени од грчкото влијание’. Според авторот, Царска Русија ги избрала Бугарите и ја окупирала нивната територија, бидејќи географски биле поблиску до неа и поблиску до нејзината сфера на политичко влијание. Русија им подарила нејасна независност на Бугарите, им дала руска воена и цивилна администрација и направила сѐ што е во нејзината моќ да го прошири бугарското кнежевство кон запад, односно кон Македонија.“
„Со договорот од Сан Стефано во 1878 година царска Русија ѝ доделила на Бугарија огромна територија, вклучувајќи ја и Централна Македонија. Велика Британија го поништила договорот и бугарското кнежевство се состоело од границите што ги уживало до 1908 година. Прајс вели: ‘Но во умот на Бугарите Сан Стефано ги истакна нивните вистински граници, па дури и во 1913 година тие беа поставени како сегашна цел на бугарската амбиција.’. Прајс вели дека соседите на Бугарија биле оставени сами на себе, да се мачат да ја консолидираат самоосвоената слобода, а Бугарите, помагани од рускиот цар, започнале со бугаризација на Македонија“.
Бугарската пропаганда во Македонија
„Во раните шеесетти година на 19 век руската царска влада презела активност, што резултирала со основање расколничка православна црква, која е позната како Бугарска егзархија. Крафорд Прајс истакнува дека кога била создадена егзархијата таа ‘бргу се развила во инструмент на бугарската пропаганда.’ Според авторот, вистинското лице на егзархијата било национализмот, таа не била верска институција и затоа таа станала авангарда на бугаризмот во Македонија. Прајс заклучува дека Бугарија максимално ја искористила поволната ситуација, што ѝ била создадена. Во Македонија на словенските селани им бил даден избор на образование во грчките патријаршиски, или бугарски егзархиски училишта, со што ‘Централна Македонија беше бугаризирана“.
Интернет – врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/bugarskiot-agresiven-hegemonistichki-inzhenering/





