Продлабочување на довербата: Кинескиот претседател во Москва

„Двајцата лидери ќе разговараат за прашања за понатамошен развој на сеопфатните партнерски односи и стратешката соработка меѓу Русија и Кина“, соопшти Кремљ по повод посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Москва и средбите со рускиуот колега Владимир Путин.



Посетата од денеска до 22 март ја потврдија и од кинеското Министерство за надворешни работи.

„Целта на посетата е дополнително продлабочување на билатералната доверба“, изјави портпаролот на министерството Ванг Венбин.

Во пресрет на посетата двајцата претседатели се обратија со писма до јавноста во другата земја:

Во писмо објавено во руските медиуми, кинескиот лидер рече дека Кина зазема објективен и непристрасен став за конфликтот и прави активни напори за постигнување мир.

„Ова ја вклучува потребата да се почитуваат целите и принципите на Повелбата на ОН, да се почитуваат разумните безбедносни грижи на сите земји, да се поддржат сите напори за мирно решавање на украинската криза и да се обезбеди стабилност на глобалните синџири на производство и снабдување…

Си Џинпинг потсети и на неговиот план за решавање на конфликтот од 12 точки, кој беше објавен на годишнината од руската инвазија на Украина. На Запад, целите на планот беа наречени нереални.

„Нема лесни решенија за сложените проблеми“’, порача Џинпинг.
.
Весникот „Женмин жибао“, официјалниот орган на Централниот комитет на кинеската комунистичка партија, објави напис на Владимир Путин со наслов „Русија и Кина – партнерство со поглед кон иднината“.

„Ние сме благодарни за урамнотежената линија на Кина во однос на настаните што се случуваат во Украина, за разбирањето на нивната позадина и причините.

Ја поздравуваме подготвеноста на Кина да одигра конструктивна улога во решавањето на кризата“, напиша Путин.

„Ние сме посветени на принципот на неделивост на безбедноста, кој НАТО флагрантно го крши.

Длабоко загрижени за неодговорните и едноставно опасни дејства кои би можеле да ја поткопаат глобалната нуклеарна безбедност. Не ги прифаќаме нелегитимните еднострани санкции, кои мора да бидат укинати“, повика рускиот претседател.