Пепо Леви: Македонци со еврејско потекло, а не „дел од израелскиот народ“

За нас е чест да бидеме внесени во уставот на Република Северна Македонија, но не сум уверен дека терминот „дел од Израелскиот нерод“, што го употреби премиерот Ковачевски, е најсоодветен – вели за Плусинфо Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница во Македонија.



Премиерот Димитар Ковачевски синоќа изјави дека за почеток на преговори со Европската Унија по поглавја ќе треба да се направат уставни измени во кои што ќе треба да бидат вклучени делови од други народи кои што живеат во државата, а кои што не се впишани во Преамбулата.

„Во моментот зборуваме за Бугарите, Хрватите, Црногорците, меѓутоа веќе и деловите од израелскиот народ изразија таква желба, Египќаните веќе доставија официјално барање… “, рече Ковачевски во „Тема на денот“ на ТВ Сител.

Претседателот на Еврејската заедница во Македонија вели дека за влегувањето на Евреите од Македонија во уставот се разговарало во повеќе прилики и на повеќе ниво, и тој смета дека политичките фактори најверојатно оцениле дека ова е поволна прилика да се реализира и тоа нивно барање, заедно со другите, од практични причини.

„За нас е навистина голема чест и искажување почит да влеземе во Уставот, поголемо и посвето нешто во една држава нема. Ние сме дел од оваа држава, тука живееме со векови и ние со своите патриотски чувства кон Македонија не се разликуваме до останатите Македонци. За нас Македонија е наша татковина, ние сме всушност Македонци со еврејско етничко потекло“, вели Леви.

Израел е посебна држава, а граѓаните на таа држава се нарекуваат себе си Израелци. За ова треба да се разговара уште малку.

За нас е најприфатливо едноставно да стои Евреите од Македонија, но не знам дали за тоа би имало некои пречки. Во секој случај, треба да поразговараме на таа тема, а можеби уште денеска, зашто имаме некои средби на официјално ниво, да го отворам тоа прашање – вели Леви.