Пожарот во РЕК Битола последица на негрижа?

Пожарот кој синоќа изби на блокот 3 во РЕК Битола е последица на ненавремено и неквалитетно одржување на сите блокови во термоелектраната, вели за Локално мк претседателот на стопанската комора за енергетика Ѓорѓи Манасков.



„Блокот 1 и блокот 2 и досега работеа со половина капацитет, а кај блокот 3 не е ни отпочнато правилно ремонтирање’’, посочува Манасков.

Пожарот според него, ќе го намали преносот на електрична енергија од сопственото производство, што секако ќе има влијание врз цената на струјата на домаќинствата.

„Доколку се случи да немаме струја од сопствено производство ќе мораме да ја купиме на берза, а нејзината цена е таму како што знаете енормно скапа’’,вели првиот човек на Комората.

Категоричен е дека вкупната енергетска состојба во државата ќе беше многу постабилна, а со тоа и помалку чувствителна на вакви инциденти доколку навреме се прогласеше енергетска криза. Превземањето на ваков чекор кој Владата го најави пред неколку денови според Стопанската комора за енергетика е задоцнета реакција. Иако носењето на Уредбата и прогласувањето на криза во енергетиката, според претседателот на комората Ѓорѓи Манасков, ќе значи спас за граѓаните и компаниите, тој оваа криза ја поврзува со економската криза која може да се случи набрзо.

“Сега смее дебело заглавени во енергетската криза и без ефтина електрична енергија , а може да се случи и да останеме без струја.10 пати зголемената цена на енергетската берза ќе предизвика нагло покачување на сите прехрамбени и останати продукти. Во исто време платите и пензиите остануваат исти.’’,вели Манасков.