Повисоки сметки за вода и комунални услуги во најава

Цените на струјата и горивата веќе удрија по сечиј домашен буџет, а во најава е и продлабочување на кризата. Јавните комунални претпријатија се закануваат дека товарот може да падне на грбот граѓаните и тие да добиваат повисоки сметки за вода и ѓубре.



Ова би било крајното сценарио ако централната власт не им помогне. Некаде веќе е донесена одлука за поскапување, па така од кумановското „Чистота и зеленило“ за Телма потврдуваат дека биле приморани да ги зголемат цените на комуналните услуги.

Ѓубрарината сега чини за 25% повеќе за физичките лица, а за правните лица поскапувањето е помеѓу 35 и 40 проценти.

Поскапени се и другите комунални услуги. Во меѓувреме, повеќе од деведесет даватели на комунални услуги од различни градови, а претставени во едно здружение, бараат од Владата да се најде решение, за да им се помогне во кризата.

Тешката зима во најава веќе тропа на портите, а допрва треба да се види и како надлежните би можеле да им помогнат на комуналците.

Директорите бараат состанок на „Илинденска бр.2“.

„Барањата на Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ) ќе бидат сослушани и разгледани, како што се постапува и со сите останати барања.“ – соопшти македонската влада.

Во меѓувреме, и покрај најавите за голема криза во работењето и евентуално повисоки давачки на граѓаните, дел од комуналните претпријатија во изминатиот период ги зголемија платите на вработените линеарно, според покачувањето и на минималната плата.