Повеќе од извесно е дека македонската економија се наоѓа во период на голема неизвесност. Енергетската криза којашто ја зафати Европа се пренесе врз македонската економија, а фактот што земјата е нето увозник на храна ја прави нејзината ранливост на последиците од екстерните шокови уште поголема.
За надминување на оваа состојба, неопходно е да се креираат мудри економски политики и да се спроведат структурни реформи кои ќе ја направат македонската економија поотпорна на шокови и кризи и истовремено ќе ја подготват за новиот глобален поредок што се создава.
Ова се дел од главните поенти во излагањата и дискусијата на учениците на конференцијата на тема „Македонската економија во двоен шок – каде се движиме?“, што ја организираше М6 Едукативниот центар, во рамки на проектот „М6 Чекор Напред“.
На конференцијата учествуваа голем број претставници од институциите, академската заедница, политичките чинители и бизнисот.
Воведни излагања имаа: министерот за финансии Фатмир Бесими, кој ги претстави контурите на државниот буџет за следната година и среднорочната фискална стратегија на земјата, како и претставници од Светската банка, Јасмин Чакери и Сања Маџаревиќ Шустер, кои подетално се осврнаа на предизвиците пред кои е исправена домашната економија и чекорите што треба да се преземат за нивно полесно надминување.Во своето обраќање, главниот економист на Народната Банка Анета Крстевска ги претстави најновите макроекономски проекции на централната банка за македонската економија, а професорката Маја Кадиевска Војновиќ зборуваше за факторите кои влијаат за ранливоста на македонската економија во услови на криза.
По воведните излагања следуваше панел дискусија во која своите согледувања и прогнози за влијанието на инфлацијата и енергетската криза врз работата на компаниите во земјава ги дадоа: претседателот на управниот одбор на ВВ „Тиквеш“, Светозар Јаневски, претседателот на управниот одбор на „ЕВН Македонија“, Штефан Петер, претседателката на Македонската Банкарска Асоцијација, Маја Стевкова Штериева и извршниот директор на „Витаминка“ Сашо Наумовски, кои истовремено понудија и можни излезни решенија од тешкиот период во којшто се наоѓаме.
„Во вакво неизвесно опкружување, кога анализите на сите релевантни институции не се оптимистички, улогите и одлуките на носителите на економските политики треба да бидат мудри, со цел предизвиците со кои се соочуваме да се претворат во предност и да донесат бенефит за опстанок и развој на земјата. Одлуките треба да направат преобразба – еволуција на слабост во јакост, еволуција на загубата во профит, еволуција на ризикот во успех. Накратко, на нашата земја и е неопходна еден вид ‘дијалектичка еволутивна економија’ ”, рече извршната директорка на М6 Едукативниот центар, Елена Младеновска Јеленковиќ, потенцирајќи дека целта на оваа конференција е да даде придонес во креирањето на поширок општествен консензус околу правците по кои треба да се движи земјата барајќи излез од моменталната криза и во создавање предуслови за долгорочен одржлив економски раст и развој.
„М6 Едукативен центар“ годинава одбележува 15 години од своето основање. Во својата мисија за трансформација, минатата година го започна проектот „М6 Чекор Напред“ како платформа преку која се дискутираат и се нудат предлог решенија за темите и предизвиците кои го допираат секој елемент од развојот на општеството, компаниите и граѓаните на Македонија и регионот, преку едукација и совети од еминентни лица од светот на политиката и економијата.







