Искуствата покажуваат дека поголем број ученици имаат тешкотии при изборот на занимањето и честопати истото го избираат по препорака на родителите или другарите, во кое не можат да се пронајдат – се вели во одговорот од Стопанската комора за редакцијата на ,,Работник” која ја анализира потребата од тестови за учениците во основните училишта за утврдување на таленти и вештини.
Стопанската комора на Виена од 2013 година па наваму, спроведува тестирања на учениците во основно образование, чија цел е да се дознаат нивните таленти и вештини кои потенцијално би им помогнале да го изберат правилното образование или кариера.
Со оглед на тоа дека во Македонија голем проблем е расчекорот помеѓу понудата на и побарувачката на работната сила, најмногу поради немањето на доволно кадар за дејностите каде што истиот најмногу недостига, редакцијата на Работник ги праша засегнатите страни и експертите дали би можело и кај нас да се спроведува вакво тестирање.
Од Стопанската комора на Северна Македонија ни одговорија дека согласно воспоставениот образовен систем во Македонија, тие како бизнис организација не можат да спроведуваат тестови за проверка на талентот на децата, особено на деветтоодделенците. Сепак, како што велат, во иднина би можеле, во рамките на своето работење да воспостават Центар за кариера со оспособени стручни лица, преку кој, на барање на родителите би се обезбедувала помош и поддршка на нивните деца за правилно насочување при изборот на занимањето, што ќе биде во согласност со нивните афинитети и способности, а со тоа и упис во соодветно средно училиште.
Објаснија дека анализите на вработливоста и на образовниот процес укажуваат дека отсуствува планирањето и создавањето на потребен човечки капитал, што според нив, доведува од година во година да имаме сѐ помалку квалификуван кадар за потребите на бизнис секторот. Со ова се зголемува и побарувачката наспроти понудата на пазарот на труд.
– Затоа е потребно тестирање на учениците за нивните таленти и способности и нивно професионално насочување уште од основното образование, на што укажуваше Стопанската комора и инсистираше професионалната ориентација на учениците да влезе во новиот Закон за основно образование кој беше донесен во август 2019 година – велат од Комората.
Насочувањето на учениците, објаснија од Комората, во насока на избор на нивните идни занимања и упис во соодветно средно училиште, според нивните вештини и способности, ќе придонесе за обезбедување потребен кадар за бизнис секторот.
– Искуствата покажуваат дека поголем број ученици имаат тешкотии при изборот на занимањето и честопати истото го избираат по препорака на родителите или другарите, во кое не можат да се пронајдат – истакнаа од Стопанската комора.
Поради ова велат има потреба од насочување, информирање и советување при дефинирање на одлуките на учениците од раната возраст според нивните психофизички способности, знаења, вештини, компетенции и искуства, притоа поврзувајќи ги со потребите и можностите на пазарот на труд.
Од носењето на Законот за основно образование во 2019 па наваму, сѐ уште нема воспоставено концепт, ниту се стави во функција процесот за професионална ориентација и насочување на учениците од основно образование, наведоа од бизнис организацијата.
Професионалната ориентација на учениците, велат од Комората, би имала придобивка за бизнис секторот, од причина што младите лица уште од основно образование би се насочувале кон развој на кариера, а со тоа и избор на соодветно образование според нивните таленти, афинитети и можности.
Целата анализа на Работник





