„Владата треба да биде на располагање на своите граѓани, ако едни злоупотребуваат – да бидат казнети, ама на другите да им помогнат и да ги поддржат. Тука, сите страдаат. Затоа не ве бива и економијата тоне. Затоа што дојдовте со шарените, со протести без никаква програма.“ – со својата колумна под наслов „На дното“, објавена во „Фокусот“ вака им се обраќа потпретседателката на ВМРО ДПМНЕ Гордана Димитриеска – Кочоска на Владата и на владејачката коалиција на СДСМ и ДУИ.
Покрај другото, Димитриеска – Кочоска пишува: Сѐ додека е СДСМ на власт, позитивни мисли нема. Зошто? Затоа што од ден во ден излегува на виделина секоја нивна лага кажана претходно. Во лагите нема ништо позитивно. Онаа народната дека „На лагата ѝ се кратки нозете“ е опис токму за СДСМ.
Програма, или обичен лист хартија?
Можеби требаше да поминат неколку години и да се случат многу штети, па да излезе на виделина дека „Планот за живот“ е обичен лист хартија, кој нема никаква поткрепа, дека е збир на некакви идеи без план за негова реализација. За ова има милион докази. Убаво е човек одвреме-навреме да се потсети што пишуваше на тие листови хартија.
Фокус ќе им беа обновливите извори на енергија, демек стратегија имаа, а на крајот лутаат. Уште ниту втората фаза од ветерниот парк Богданци не ја реализираа. Како почна кризата, така сфатија дека обновливите извори не им вршат работа, па ја менуваа стратегијата, ако воопшто и ја имаат во пишана форма.
Предвидуваа прогресивно оданочување и го воведоа, но за нецела година се вратија на старото решение. Кога напишаа во програмата, дали направија анализа за ефектите од прогресивниот данок, или тоа на некој му текна, така од ракав?
Во „Планот за живот“, со кој се претставија во 2016 година, имаше место и за земјоделците. Тие што ни се многу важни, што треба да ги поддржуваме, а за кои ништо не направија. Во нивната програма јасно стои дека ќе има државна помош за земјоделците и дека оти ќе биде во износ од 160 милиони евра. Во програмата предвидуваат и 30 проценти повеќе субвенции за секое ново грло добиток и 20 проценти повеќе за секој нов хектар.
Ако се погледне буџетот на Агенцијата за поддршка во земјоделството, можеме слободно да заклучиме дека онаму каде што застанало ВМРО ДПМНЕ, таму стои денес и Владата предводена од СДСМ, ако ги гледаме бројките во апсолутен износ. Од 140 милиони евра, колку што бил буџетот во 2016 година, во кризните години се намалува, така што за 2023 година имаат планирано 143 милиони евра буџет.
Како процент од вкупните расходи тоа е помалку, бидејќи расходите растат, што нѐ води до заклучокот дека не само што не ги даваат ветените пари во форма на субвенции, туку и ги намалуваат како што расте буџетот (како процент од вкупни расходи).
Сега се сетивте дека се потребни реформи!
И тука не е крајот! По 6 години власт вицепремиерот за економски прашања, тој истиот што бил дел од Комисијата за финансии на СДСМ и што имал удел во програмата, вели дека нема повеќе субвенции за козари без кози и лозари без лозје. Е убаво кажано де, ама по 6 години власт? Ако сте исплаќале досега на такви луѓе, кој ќе одговара за тоа? Каде ви беше планот за реализација на овие субвенции што ги напишавте во програмата?
Нели е срамно по 6 години да давате вакви коментари? За што земате плата сите таму во Владата? За да слушаме по 6 години како да сте во првите 100 дена владеење?
Додека вие во 2023, а не во 2017 се сетивте дека треба да правите реформи во начинот на субвенционирање на земјоделците, тие работат со крајни сили. Последната година мака мачат со високите цени за средствата за третирање на земјоделски производи, нивниот труд е речиси залуден, па на крај и цените им ги замрзнавте. Ако нема соодветна и навремена поддршка за земјоделците и ако нема доволно производство, тогаш цените ќе растат, тоа е економско правило.
Ај што немавте план во 2017, ама и од 2020 никаков заклучок не извлековте. И покрај сите наши коментари дека треба да се поддржат домашните земјоделци на почетокот на 2022 година, вие пак ништо не направивте и ги оставивте да се мачат. Сега во 2023 се сетивте дека треба реформи? Владата треба да биде на располагање на своите граѓани, ако едни злоупотребуваат – да бидат казнети, ама на другите да им помогнат и да ги поддржат, посебно во вакви услови. Тука страдаат сите.
Затоа не ве бива. Затоа економијата тоне. Затоа што дојдовте со „шарените“, со протести без никаква програма, која се темели на сериозни планови и анализи. Затоа денес сме таму каде што сме, на дното!





