Потписникот на Преспанскиот договор Никола Димитров со кој Македонија официјално стана Северна се откажува од додавката на која тој стави параф во Нивици.
Најверојатно како подготвка за формирање на политички субјект Димитров објавува одговор на прашање од Фокус во кој не го спомнува зборот Северна туку зборува за ,,нашата Македонија”:
,,Во оваа длабока криза на немање доверба во системот, на безнадежност, на немање избор, нацијата има огромна потреба од нова општествена сила што ќе се бори против партизацијата и што ќе ги турка партиите таму каде што им е местото.
Мора да најдеме сили и енергија да се здружиме околу визија и принципи, како противтежа на оваа “дуќан” политика, ова здружување низ призмата за вработување, пари, услуги или привилегии.
Во македонскиот црно-бел политички свет, никогаш или ретко се зборува за решенија, а пречесто политиката е сведена на обични меѓусебни навреди и етикети.
Мораме како народ, како генерација граѓанство, да се соочиме со фактот дека во 31 година независност главно одиме назад. Видете ги проблемите во образованието, во поредокот, во урбанизмот, во здравството, во нееднаквоста, во феноменот растечката администрација да не може редовно да ги сервисира потребите на граѓаните и бизнисите без “некој” да се јави или да “подмачка”.
Затоа, немам никаква дилема дека итно ни треба нова страница. Не нов “дуќан”, туку вистинска сила што ќе се бори за политиката како мисија и визија. Зад една таква преродбеничка сила како граѓанин секогаш ќе застанам, без разлика дали тоа ќе биде преку директен личен ангажман или како поддршка.
Инаку, залудни ни се надежите дека некој друг ќе ни ја заврши работата. Гледам често се злоупотребува европската приказна во таа насока, дека ништо не можеме без преговорите.
Точно, преговорите се незаменлива алатка за реформирање на земјата, ама таман и да имаме вистински отворен пристапен процес со ЕУ, таман и да имаме една добрососедска Бугарија која целосно ќе помага на патот (а ништо од ова немаме), нашата Македонија нема никогаш да ја оправиме ако не најдеме сили да ја вратиме изгубената волја и да се соочиме со проблемите, еден по еден.
Оти, преговорите ги водат луѓе. И колку тие ќе бидат успешни или не ќе зависи токму од тоа како вклучените ја разбираат политиката – како дуќанче за купување и продавање на лични и партиски интереси или како поле за садење и жнеење на граѓански и општествен напредок”, порачува Димитров.
Откако беше исфрлен од владата по заминувањето на Заев Димитров почна да ја напаѓа извршната власт обвинувајќи ја за предавство со Бугарија иако токму тој го потпиша договорот со Бугарија по кој следуваше и Билатералниот протокол и францускиот предлог.
Според пораките што ги упатува Димитров се очекува да формира политичка партија.






