Потпишаниот протокол е правно ништовен

Со полно право се дигна бура по препораките од историската комисија помеѓу Македонија и Бугарија, затоа што е очигледен обидот за политички инженеринг на македонската историја и нација. Целта е политичка принуда сами Македонците да „признаат“ дека се вештачка нација со бугарски јазик и бугарска историја, по што би следеле други дејствија за духовно и политичко подјармување. Накусо, остварување на романтичарскиот сон за Сан-Стефанска Бугарија, добиена на мировната конференција за крај на Руско-турската војна во 1878, со траење од само 3 месеци на хартија.



Изнасиленото и „нормирано“ заедничко одбележување историски личности се повикува на Протоколот од Вториот состанок на меѓувладината комисија, потпишан на 17 јули 2022 година, со кој историската комисија била „задолжена“ во рок од еден месец да ги објави заклучоците за пет историски личности. Овие заклучоци, пак, биле претходно усвоени со Протоколот од Првиот состанок на меѓувладината комисија, потпишан уште на 10 јуни 2019. Споредбено, првиот протокол е повеќе записник од состанок, за разлика од вториот протокол, кој е обемен диктат на бугарски барања до Македонија, со зачудувачки „креативни“ решенија. (Човек да остане вџашен, колку ли фрустрации и омраза треба некој да има, за да смисли такви начини за повреда и понижување на комшијата…) Поради форматот и контекстот на овој документ, ќе се фокусирам на него и ќе го подразбирам како Протоколот.

Ништо без ратификација

Протоколот се повикува на членот 12 од Договорот за пријателство помеѓу двете земји од 2017 година. И двата документа се наведени во заклучоците од Советот на ЕУ, преговарачката рамка и документите за почеток и за крај на македонското отворање на преговорите. Не е лесно да се објасни заемната поврзаност и меѓузависност на сите овие документи, зашто се прилично несинхронизирани и неконзистентни. Треба да ги анализираме еден по еден, за да знаеме како да ги насочиме идните битки: што е важечки документ, што е ништовен документ, што можеме да оспориме и што мораме да корегираме, независно од формално-правната валидност. Се мислеше дека корекциите ќе се прават од позиција на членка на ЕУ, но, очигледно, комшииве нема да дозволат да влеземе, па ќе мора да се почне со оспорувања и корекции веднаш, без одложување. Немаме што да изгубиме, зашто ваквата рамка е јамка и невозможно е низ неа да се помине за влез во ЕУ.

Во меѓународната политика, за да биде еден билатерален договор важечки, тој мора да се ратификува во парламентите на двете земји. А за да може тој договор да се операционализира, двете земји треба да усогласат протокол за негово спроведување, со дефинирање опфат, методи, алатки и, евентуално, времетраење на активностите. Вака усогласениот протокол мора повторно да помине ратификација во двата парламента, преку носење на т.н. Закон за ратификација на протоколот од договорот. Истово важи и за мултилатерални договори.

Оваа процедура ја применува и Македонија, во склад со Виенската конвенција (1969) како генерална рамка за меѓународното право и со македонската легислатива: Уставот, Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори (1998), Законот за надворешни работи (2015) и Деловникот на Собранието.

Во македонското Собрание се ратификувале стотици договори и протоколи на меѓународни договори во различни области – трговија, транспорт, култура, образование, клима, насилство врз жените, визен режим, односи со други земји и сојузи итн. Договорот за пријателство со Бугарија е ратификуван во 2017, но НЕ и Протоколот. Тој се преговараше и чуваше во длабока тајност, небаре е приватна зделка, се до потпишувањето на 17 јули 2022 година, еден ден по собраниското гласање за францускиот предлог за почеток на преговори со Македонија на 16 јули. (Протоколот НЕ МОЖЕ ни правно, ни логички да биде дел од тој пакет, кој се усвоил и во ЕУ и кај нас, пред тој да биде потпишан!).

Целиот текст на Љиљана Поповска на следниот линк:

https://plusinfo.mk/protokolot-e-pravno-nishtoven-i-ne-smee-da-nametnuva-shtetni-de-stvi-a/