Истекуваат последните часови од одморот во Мексико на поранешниот генерален секретар на Владата, сега секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализацијата на владината програма, Драги Рашковски.
Иако тој за медиумите предходно изјави дека следи се што се случува во врска со него, го нема во јавноста да објасни кога ќе се врати ниту дали бил контактиран од Јавното обвинителство за организиран криминал.
ЈООК кое поведе предистражна постапка неколку дена по заминувањето на Рашковски во Мексико влезе во владините простории и ги одзема документите за тендерите организирани од Рашковски за кои државата платила огромни суми а предметот на набавка не се користи.
Во изјава за Фокус, Рашковски пред 16 дена изјави дека е на одмор со семејството во Мексико каде што според него било многу евтино во овој период.
„Нема место за сензација, на годишен одмор сум во Мексико. Заминавме на 14. и таму ќе бидеме до 31. овој месец. Три години не сум бил на одмор, на сопругата ѝ е роденден. Следам сѐ што се случува“,
изјави Рашковски за Фокус.
Тогаш на прашањето на новинарите, дали побегнал Рашковски одговорил:
„Зошто би бегал?“
Деновиве на Фејсбук беа организирани групи за спектакуларен пречек на Рашковски а денеска со порака на шпански јазик за добродојде на скопскиот аеродром група граѓани го чекаа но не го дочекаа од Мексико.
Од обвинителството се уште нема информации дали против Рашковски ќе биде покрената истрага, дали можеби тој може да биде уапсен уште при влезот во Македонија и дали може да му биде одреден притвор со цел да не го повтори делото или да влијае на сведоци.






