Поскапува струјата?! Повеќе калкулации, ама на крај еден заеднички именител

Повеќе калкулации, ама на крај еден заеднички именител. Дали ќе поскапи струјата?! Регулаторната комисија за енергетика денеска на подготвителна седница ќе ги претстави одлуките за тоа кои од трошоците на домашните компании ќе бидат прифатени од што ќе зависи и висината на новата цена на електричната енергија. По ова се очекува од МЕПСО, „ЕВН хоме“ и „Електродистрибуција“ да достават и забелешки до крајот на неделата, по што РКЕ ќе ја соопшти конечната одлука за цената на струјата. Конечната одлука за новата цена што ќе се применува од 1 јули и ќе важи во следните шест месеци ја носи Регулаторната комисија, каде што треба да се вкалкулираат и барањата за мрежарина од ЕВН, за пренос од МЕПСО и за покривање на загубите на „Електродистрибуција“.



Според калкулациите на компаниите што ги доставија своите понуди, цената на струјата ќе се покачи, иако тука не е пресметано ниту ДДВ, кое од 10 се враќа на 18 отсто. Ако се прифатат сите трошоци, вклучувајќи го и враќањето на ДДВ, цената може да се зголеми и до 20 отсто.

Кон крајот на минатата недела АД ЕСМ на универзалниот снабдувач ЕВН му доставил понуда од 53 евра за мегават-час пред одлуката на Регулаторната комисија за енергетика по колкава цена ќе ја плаќаат домаќинствата и малите потрошувачи електричната енергија од 1 јули. Оваа цена е за околу 5,35 отсто пониска од претходната, која беше добиена на последниот тендер во јануари-јуни 2023, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 56 евра за мегават-час.

Од страна на МЕПСО беше доставено барање до регулаторот за зголемување на делот за пренос на струјата за 50 отсто, а „Електродистрибуција“ побара зголемување на дистрибутивниот дел за 30 отсто. Наспроти овие „фактори“, од Владата и од Регулаторната комисија во изминатиот месец беше истакнуван ставот дека нема да дојде до промена на цената на електричната енергија.

Јас можам да ги уверам граѓаните дека ценовен шок нема да има и дека цената на струјата ќе остане непроменета. Ние сме обезбедиле финансиски средства од буџетот, за да ја помагаме државната ЕСМ – изјави премиерот Димитар Кoвачевски.

Првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски, изјави дека цената на електричната енергија нема да се зголеми од 1 јули годинава. Тој ја даде изјавата еден ден пред да се отвори тендерот со понудата за снабдување со електрична енергија на „ЕВН хоме“. Според Бислимовски, тендерот е клучен за одредување на цената на електричната енергија, но податоците што ги имаат досега покажуваат дека цената не би требало да се зголеми.

Според експертите, едно е сигурно, дека цената на струјата ќе се зголеми за минимум 8 отсто поради враќањето на ДДВ од 10 на 18 отсто од 1 јули.

Цената на струјата ќе биде зголемена за 8 отсто поради зголемувањето на ДДВ, а дали ќе има дополнително зголемување ќе зависи од понудената цена на ЕСМ. Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека нема да дозволат да има зголемување на цената на струјата, но таа е независно тело и не се знае колку ќе може да притисне за да не се зголеми цената, бидејќи сега на берзите е многу пониска од онаа што ја набавуваа во зимата – вели универзитетскиот професор Константин Димитров.

Иако беше најавувано и се очекуваше од 1 јули да се врати евтината дневна тарифа, сепак нема да се случи тоа. Надлежните ваквата поволност ја најавуваа речиси два месеца, но само една недела пред почетокот прашањето дали и во кои два часа во текот на денот ќе има евтина дневна тарифа остана да виси. Од Регулаторната комисија за енергетика, кој пред неколку дена го најави воведувањето од 1 јули, сега велат дека проблем била промената на броилата, за што им било потребно повеќе време. Најголем проблем се старите броила што немаат далечинска контрола и мора секое броило рачно да се приспособува. Најоптималниот рок за првата фаза од евтината струја е февруари идната година.