Пошта и Водостопанство не произведуваат струја, ама го трошат буџетот

Голема државна помош со владина интервенција во буџетот, минатиот месец добиле АД Пошта и АД Водостопанство. Двете акционерски друштва во државна сосптвеност по правило треба да опстојуваат од самофинансирање, но за нив Владата само во декември како помош им префрлила вкупно 230 милиони денари на сметките, или поточно околу 3,8 милиони евра.



На АД Пошта на 12 декември му биле префрлени 50 милиони денари, а по десетина дена уште 70 милиони, што значи дека само минатиот месец се дадени 2 милиони евра од буџетот кој го користи Владата за давачот на универзалната поштенска услуга.

„Пошта“ работеше со загуби во првите три квартали во текот на 2022. Податоците на Министерството за финансии покажуваат дека во првото тромесечие од годината минусот бил 44 милиони, во второто кое ги опфаќа април, мај и јуни негативата изнесувала 61,1 милиони, за кулминацијата да биде во третиот квартал кога загубата била неверојатни 243 милиони денари, или 4 милиони евра за само три месеци.

Владата префрлила и 110 милиони денари за АД Водостопанство непосредно пред Нова година. Тоа е сума од 1,8 милиони евра. Треба да се знае дека на крајот на септември ова претпријатие за наводнување веќе еднаш доби 100 милиони денари од Владата, покажува платформата „Отворени финансии“. Владата во тоа време донесе заклучок со кој ги задолжи членовите на Управниот одбор во наредните 12 месеци да ги намалат своите надоместоци за 50 отсто.

Во декември Владата во два наврати му префрлила како државна помош на АД ЕСМ околу 53 милиони евра во рок од само една недела. Првата трансакција од 1,5 милијарди денари се реализирала на 21 декември, а втората од 1,7 милијарди денари следувала една недела подоцна.

Владината помош за АД ЕСМ е разбирлива во делот на енергетската криза и, како што велат од таму, субвенционирањето на сметките за електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, но нема отчетност зошто веќе неколку години по ред се доделуваат пари од буџетот за „Пошта“ и „Водостопанство“.