Посетата на американската амбасадорка Анџела Агелер на Врховниот суд не била ниту редовна нити вообичаена туку одговор на вонреден апел за помош од дел од судиите во судот кој е крајна инстанца за судските процеси во Македонија.
Посетата на Агелер се случила на барање на судии кои се под жесток притисок од владата, тврдат извори во Врховниот суд кои велат дека претходно до амбасадорката било упатено барање за помош преку политичкиот оддел во амбасадата на САД.
Од амбасадата се барало заштита од политички реваншизам.
,,Прочитајте го ставот на амбасадорката кој се содржи во соопштението од Врховниот суд и како на искусни новинари ќе ви биде јасно што се случува”, вели изворот на expres.mk во судот кој инсистира на анонимност.
Изворот признава дека е многу лошо кога домашните проблеми не треба да се решаваат преку странски амбасадори но дека Агелер била единствената која може да го заштити судиите од Врховниот суд од владата која вршела притисок за носење на една конкретна одлука.
На средбата амбасадорката на САД ја истакнала потребата од силна поддршка на заложбите за независно и транспарентно судство и дека активностите на највисокиот суд во државата во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес.
Независноста на судството и клучните фактори кои придонесуваат за тоа биле главни теми на средбата на претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми, со американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер.
На средбата, на која присуствувале и судиите на највисокиот суд било истакнато дека независноста на судството е најсилната гаранција за владеењето на правото и дека интегритетот на судиите е клучен фактор за остварување на овие принципи.
„Судството не смее да биде под притисок на политиката и не треба да се дозволи мешање на другите власти во донесувањето на судските одлуки кои мора да се засновани на законите. Потребно е да се почитува уставното начело на поделба на власта, а судиите да бидат ослободени од какви било влијанија“, се наведува во соопштението од Врховен за средбата со амбасадорката на САД.
Транспарентноста исто така била посочена како еден од факторите која е од суштинско значење за независноста на судството.
„Суштинска улога за независноста на судството има и транспарентноста како еден од најважните фактори за јавната перцепција и доверба. Од големо значење е и доследната примена на европските стандарди и почитувањето на правните вредности“,
било истакнато на средбата.
Амбасадорката на САД, Анџела Агелер, ја истакнала потребата од силна поддршка на заложбите за независно и транспарентно судство и дека активностите на Врховниот суд во таа насока даваат клучен придонес во реформскиот процес, беше соопштено од Врховниот суд без да се каже што бил поводот и причината за средбата затоа што е крајно невкусно странски амбасадор да зборува за независност на највисокиот суд а премиерот и министерот за правда да молчат на истата тема.
Продолжува!






