По завршувањето на квалификациите за Светското фудбалско првенство 2022 во Катар вечерва Македонија ги дозна сите шест можни противници во баражот, а тие се Португалија, Шкотска, Италија, Русија, Шведска и Велс.
Шесте селекции ќе бидат во првиот сад во ждрепката за полуфиналето и со тоа домаќини на тој натпревар, а во вториот сад покрај Македонија се најдоа и Турција, Полска, Украина, како и Чешка и Австрија, како две најдоброрангирани од Лигата на нациите што не се пласираа на СП преку квалификациите.
Победниците од полуфиналето предвидено за 24 март 2022 година ќе формираат три финални двојки за пет дена потоа, од кои подобрите три селекции ќе изборат учество на шампионатот во Катар.
Извлекувањето на полуфиналните двојки ќе се изврши на 26 ноември во Цирих.
Последното СП со 32 земји-учеснички ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември 2022 година, а групите ќе бидат одредени во април.





