Денеска и утре високи температури. Лекарите апелираат да се почитуваат општите мерки за заштита. Земјава ќе биде под влијание на топол бран со високи температури од портокалова (алертна) фаза. Надлежните со совети – да се ослободат од работните обврски најранливите групи, вклучувајќи ги бремените жени, како и лицата на возраст над 60 години, а децата од градинките да не се изнесуваат на отворено од 11 до 17 часот.
Според УХМР, во текот на денов ќе има мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Попладне ќе има услови и за изолирана појава на краткотраен дожд и ретки грмежи. Минималната температура ќе биде во интервал од 15 до 23, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен, додека УВ индексот ќе изнесува 9.
И во Скопје се очекува мала до умерена облачност со слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 20, а максималната ќе достигне 40 степени.
Препораките за заштита на Министерството за здравство (МЗ) се согласно најавите на УХМР.
– Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени, стари и изнемоштени лица и бездомници, апелира Министерството.





