Албански портали: Реџепи уценет со видеа од групата на Меџити да не гласа за уривање на Владата

„Медиумите во Албанија Маска.ал и Сири.нет пишуваат дека пратеникот Кастриот Реџепи е уценуван со видео – материјали од групата на Изет Меџити, потпретседателот на Демократската унија за интеграција, да не гласа за уривање на Владата на СДСМ – ДУИ.“ – објави информативниот портал „ин7“, пренесувајќи го пишувањето на овие два информативни медиума од Албанија, кое има ист наслов „Групата на Изет Меџити го уценува Кастриот Реџепи со аудио и видео материјали“.

„Ин7“ ја пренесува статијата на „сири.нет и маска.ал, која е идентична кај двата албански портала: „Видео и аудио материјали се дел од уцените и заканите изминатите денови кон Кастриот Реџепи, пратеникот на Беса, кој вчера ги предаде опозициските пратеници и активисти на неговата партија. Некои од материјалите се дел од кампањата за локалните избори од 2017 година кога Зекирија Ибрахими и Беса се соочија со Висар Ганиу, сегашниот новоизбран градоначалник на општина Чаир, и со ДУИ. Во тоа време шансите за победа на Движењето Беса во Чаир беа многу големи и неспорни, но внатрешно предавство беше главната причина за нивниот пораз. Ова стана дополнително повод за поделбата на Движењето Беса на два табора, од каде што беше создадена партијата Алтернатива.“

„Главниот протагонист на ова предавство е токму Кастриот Реџепи, кој работел тајно за Висар Ганиу. Овие моменти се овековечени со аудио и видео. Една таква фотографија е откриена некое време по изборите во 2017 година: на неа Висар Ганиу се појавува на средба со приврзаниците на Кастриот Реџепи. Тој е дел од религиозна група (секта), кои неодамна создадоа верска организација наречена ‘селафисти’. Станува збор за тело на гласачи од околу 2 илјади луѓе. Мнозинството од нив се под контрола на Кастриот Реџепи.“



Инаку, поради верски радикализам и фундаментализам Кастриот Реџепи бил повеќе од десет години предмет на оперативна обработка на Управата за безбедност и контрарзузнавање до нејзиното трансформирање во АНБ. Бил и деклариран селефија. Кастриот Реџепи заедно со неговиот пријател Џемаил Јакупи ја формираа новорегистрираната Исламска селефистичка заедница, каде што Јакупи е и претседател. Селефистите го прифаќаат салафизмот, односно селефизмот – ултраконзервативно и реформистичко движење внатре во сунитскиот ислам, кое заговара враќање кон традицијата на „побожните претци“ и воведување на шеријатот (исламскиот закон).

„На споменатите видео – материјали зад Висар Ганиу во другата канцеларија од прозорецот се гледа Кастриот Реџепи со некој друг. Како што дознаваме од потврдени и добро информирани извори, некои членови на групите за поддршка на Изет Меџити му се заканиле на Кастриот Реџепи да не гласа за уривање на власта. ‘Кастриот Реџепи беше главниот фактор, што ги растури односите меѓу Билал Касами и Африм Гаши, сегашниот лидер на партијата Алтернатива. Касами и Гаши се жртви на предавството на Реџепи во име на Али Ахмети’“ – вели нашиот извор близок до двете групи. Но, дали Кастриот Реџепи повторно ќе биде факторот, кој ќе ги подели албанската опозиција и големата надеж на Албанците за уривање на ДУИ од власта? Одговорот ќе го дознаеме во наредните седмици.“ – заклучуваат сири.нет и маска.ал во својата статија, која ја пренесе „ин7“.