„Порталб“: „Се слушаа врисоци на болните, се надеваа дека ќе се вратат дома, но загинаа“

„Загинатите пациенти се бореа со ковидот и се надеваа дека ќе им се вратат на своите семејства, но ужасот во тажната ноќ вчера во ковид – болницата во Тетово ги одзеде нивните животи. Граѓаните низ општествените мрежи и насекаде бараат одговорност од надлежните, ако постоела можност да не се случи оваа несреќа.“ – објави информативниот портал на албански јазик „Порталб“ во својата фото репортажа за пеплосаната модуларна ковид – болница во Тетово под наслов „Еден ден по ужасот во модуларната болница во Тетово“.

„Порталб“ пишува: „Урнатините со изгорени предмети потсетуваат на ужасот во тажната ноќ во Тетово, што ги одзеде животите на најмалку 14 пациенти, кои се бореа со ковидот со надеж дека еден ден ќе закрепнат и оти ќе се вратат во своите семејства. Опожарените кревети и мебелот во болницата покажуваат што се случи вчера во модуларната болница во Тетово. Глетките беа многу тешки и вознемирувачки. Луѓето трчаа по своите најблиски, за да ги најдат и да им помогнат.“

Порталот укажува посебно на еден момент вчера додека огнената стихија ги голташе животите на болните ковид – пациенти: „Се слушаа многубројни врисоци, меѓу кои и на едно дете, кое ги бараше своите родители.“

Тетово покажа солидарност со унесреќените: „Покрај членовите на нивните семејства, на помош дојде речиси сиот град Тетово да помогне. Властите ангажираа петмина обвинители, за да се истражи како настанал пожарот. Експертите на истрагата вчера дојдоа во Тетово и продолжуваат да собираат докази и денес.“

„ Се уште никој не може да каже официјално што го предизвикало пожарот. Службените лица преку општествените мрежи и насекаде изразуваат сочувство, но и бараат одговорност од надлежните чинители, ако постоела можност да не се случи оваа несреќа“ – заклучува „Порталб“ во својата фоторепортажа во врска со вчерашниот пожар во ковид – болницата во Тетово.

Извор: https://portalb.mk/760583-nje-dite-pas-tmerrit-ne-spitalin-modular-per-kovid-tetove-foto/