„Порталб“: Регионалната депонија „Русино“ кај Гостивар се уште нема интегрирана А-дозвола за работа

„Заедничкото регионално претпријатие ‘Русино – Полог’ на деветтте општини во Полог, кое ќе управува со отпадот во овој тетовско – гостиварски регион, се очекува набргу да започне со работа. Стартувањето на претпријатието беше одложувано поради многубројни доцнења со оглед на пандемијата и локалните избори. Директорот на ова претпријатие Бесим Догани рече дека процедурите за отпочнување со работа се завршени. Деветте општини заеднички треба да платат сума од 200 илјади евра за работењето на ‘Русино – Полог.“ – вели информативниот портал на албански јазик „Порталб“ во својата статија во врска со оваа регионална депонија.

„Порталб“ пишува: „Неговиот директор Бесим Догани кажа дека привршиле сите процедури поврзани со почетокот на работата. Економскиот оператор ќе го одржува ‘Русино – Полог’, односно покривањето и одржувањето на отпадот. Догани изјави дека од понеделник се очекуваат првите привремени решенија за работниците на теренот. Дел од нив ќе управуваат со мерната вага за отпадот и тие ќе бидат испратени на обука во врска со начинот на функционирање на таа вага, за начинот на мерење и за регистрирање на камионите, што ќе го фрлаат отпадот на депонијата Русино.“

„Имавме тешкотии во овој период: многу ѓубре се фрлаше по рабовите на патиштата без да се стигне до депонијата Русино. Решивме да го избегнеме овој проблем преку стражарската куќа, па ќе имаме тројца чувари, кои ќе ги верификуваат возилата, што ќе влезат во депонијата. По обуката на работниците ќе извршиме примопредавање на мерната вага и на системот за филтрирање на ‘црните води’ и потоа ќе почнеме да ги употребуваме.’ – рече Догани.“

Управувањето со отпадот и понатаму е суштински проблем на Полог

„Како и другите општински депонии во земјава, ‘Русино’ нема интегрирана А-дозвола издадена од Министерството за животна средина и просторно планирање: досега таа работеше незаконски, без да ги исполнува законските стандарди за ваква локација. Има десеттици општински депонии низ Македонија, но проблемот со ‘Русино’ е тоа што се работи за регионална депонија каде се депонира отпад од девет општини од полошкиот регион.“

„Владата на Македонија обезбеди 1,9 милиони швајцарски франци за создавање нов самоодржлив систем за управување со комунален отпад во полошкиот регион, со кој се спроведени брзи мерки за рехабилитација на депонијата. Министерството за животна средина и просторно планирање најавува дека со дополнителни и неповратни 6 милиони франци од Швајцарија ќе се чистат дивите депонии во Полошкиот регион и ќе се изгради погон за компостирање на органски отпад. Парите од Швајцарија ќе бидат искористени и за кампања за подигање на јавната свест на граѓаните за управувањето со отпадот.“

„Од општина Гостивар велат дека се договориле со централните власти да се спроведат санациски мерки на депонијата ‘Русино’, кои ќе ја претворат во координирана депонија, контролирана во период од пет години. По пет години ‘Русино’ треба да се затвори, а во меѓувреме да се бара позиција за посоодветна локација за изградба на зелена депонија како оние во европските земји.“

„Во Македонија 17 години не може да се гради регионална депонија според стандардите на ЕУ, во која најголем процент од создадениот отпад би се селектирал и би се рециклирал, би се компостирал, или би се согорувал. Денеска во Македонија има десетици депонии каде што постојано се загадува животната средина, без никаква контрола кој што фрла на овие места и каде завршува испуштањето на отпадот, што се распаѓа во природата.“ – заклучува во својата статија „Порталб“.