Сензационалниот пораз на Италија од Македонија со 1:0 во Палермо во полуфиналето од баражот за Светското првенство во Катар минатата година не може да го заборави ни Марио Балотели.
„По натпреварот против Македонија кажав дека не сакам да доаѓам повеќе, но тоа беше еден тажен момент. Потоа, кога размислив добро, сфатив дека реално никогаш нема да си ја затворам вратата во Италија“, изјави 33-годишниот напаѓач на турскиот суперлугаш Адана Демирспор.
„Вистина е дека му должам многу на Манчини, мислам дека и тој ми должи на мене, но најголемата моја болка беше Италија – Македонија. Не го гледав мечот затоа што се чувствував лошо, а го пуштив телевизорот баш кога Македонија даде гол и не можев да си поверувам. Мислам дека уште немам заздравено од таа болка и разочарување“, додаде фудбалерот со 36 настапи и 14 гола за „аѕурите“, кој се надева на повик од селекторот Лучано Спалети за реваншот со Македонија на 17 ноември на домашен терен во квалификациите за Европското првенство 2024 во Германија.





